2 Chronicles 15
1 Тогаш Духот Божји слезе врз Азарија, син Одедов.
2 Тој излезе да го пресретне Аса и сите Јудејци и Венијаминовци, и им рече: „Послушајте ме, Аса и сите Јудејци и Венијаминовци: Господ е со вас, кога сте вие со Него; и ако Го барате, ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Тој ќе ве остави.
3 Долго време Израел беше без вистински Бог, без свештеник да поучува, и без закон;
4 но кога во притеснетоста своја се обрати кон Господ, Бог Израелов, Го побара и Го најде.
5 Во тие времиња немаше мир ни за оние што излегуваа, ни за оние што влегуваа; зашто имаше голема збрка меѓу сите жители земни;
6 народ се биеше со народ, и град со град, затоа што ги потресе Бог со секакви неволји.
7 Но вие држете се цврсто, и рацете ваши да не ослабуваат, зашто ќе има награда за делата ваши.“
8 Кога ги чу Аса тие зборови и пророштвата на Азарија, син на пророкот Одед, тој се охрабри и ги отстрани незнабожечките гнасотии од целата земја јудејска и Венијаминова, и од градовите на Ефремовата Гора што ги беше презел, го обнови и жртвеникот Господов што беше пред Господовиот трем.
9 Тогаш ги собра сите Јудејци и Венијаминовци и преселени од Ефрем, Манасија и Симеон, кои живееја со нив; зашто многу Израелци преминаа кон него, откако видоа дека Господ, неговиот Бог, е со него.
10 И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година од царувањето на Аса.
11 Во тој ден Му принесоа жртва на Господ од пленот што го донесоа: од крупниот добиток седумстотини и од ситниот — седумдесет илјади.
12 Дадоа завет дека ќе Го бараат Господ, Бог на своите предци, од сѐ срце и од сета душа;
13 а секој, што нема да Го побара Господ, Бог Израелов, да умре — бил тој мал или голем, маж или жена.
14 И се заколнаа во Господ громогласно со восклици и при звукот на трубите и роговите.
15 И сите Јудејци се радува на таа заклетва, зашто се колнеа од сѐ срце и со сета волја. Го бараа Господа, и Го најдоа. Тогаш Господ им даде спокој од сите страни.
16 А мајка си Мааха царот ја лиши од почеста да биде царица мајка, затоа што ѝ направила гнасен идол на Ашера. Аса го сруши идолот нејзин, го исече на парчиња и го изгори во Кедронскиот дол.
17 Иако идолските светилишта не беа отстранети во Израел, но срцето на Аса беше наполно предадено на Господ во сите дни негови.
18 Тој го внесе посветеното од таткото свој во Божјиот дом; среброто, златото и садовите.
19 И немаше војна до триесет и петтата година од царувањето на Аса.